куќарка новости Протест на приватните сопственици на шуми за предлог Закон за шуми
Протест на приватните сопственици на шуми за предлог Закон за шуми Print E-mail
Written by Rantasa   
петок, 06 мартин 2009 19:27

Приватните сопственици на шуми и се обраќаат на јавноста:

Наоѓајќи се во безизлезна, беспомошна и понижувачка состојба,  ние сопствениците на приватни шуми од Националната Асоцијација на Сопственици на Приватни Шуми, принудени сме и на Вас да Ви се обратиме со надеж дека на некој начин ќе ни помогнете.


За што станува збор?

Во моментот се донесува нов Закон за Шуми, со кој според нашите надежи и очекувања требаше да  се исправи неправдата која скоро 20 години ја трпиме. Таа неправда е состојбата во која еден корисник на државна сопственост му го ограничува правото на сопственост на  друг сопственик.

Имено, Јавното Претпријатие „Македонски Шуми“ кое стопанисува со државните шуми (во овој случај КОРИСНИКОТ на државната сопственост), им ги диктира правилата на игра на сопствениците на приватна шума, (СОПСТВЕНИЦИ).

Досегашниот закон беше создаден на начин на кој корисникот на државната шума има поголеми права од еден сопственик и сето тоа во една демократска држава во која правото на сопственост е загарантирано со устав.

За да не Ве оптоваруваме со детали ќе се обидеме да Ви појасниме за што станува збор со еден пример:

Замислете дека сте сопственик на шума во Република Македонија и Ви доаѓа идеја да ја користите - да се снабдите со дрва за огрев (да свесни сме за глобалното затоплување и така натаму), но 90% од сопствениците на приватна шума во Македонија ги користат своите шуми како извор на огревно дрво.

Одите во шума си берете дрва колку имате и Ви се потребни (нели не сте луд целата своја шума да ја исечете) и си одите дома - но на патот Ве застанува шумска полиција, Ви го одзема превозот, алатот и дрвата, ви пишува казна и Ве остава да си отидете дома пешки, се заради тоа што не сте побарале дозвола од државата, опс, извинете од корисникот на нејзината сопственост Ј.П.“Македонски Шуми“. Затоа...

Најпрвин треба да отидете во подружницата на Ј.П.“Македонски Шуми“ која е надлежна за реонот во кој се наоѓа Вашата шума и да проверите што испланирала државата дека Вие ќе работите во наредните 10 години (тоа е времето на важност на плановите за стопанисување со шуми). Доколку во плановите пишува дека не е предвидена никаква активност во неа, ќе си се  вратите дома и ќе чекате до наредните 10 години, можеби тогаш ќе имате повеќе среќа.

·        планирањето во и за шуми со приватна сопственост го врши државата ( таа најдобро знае што јас како сопственик сакам да правам со мојата сопственост ???)

Доколку за Вашата шума државата предвидела дека постои „сечив етат“ (тоа е количина на дрвна маса во м3 која што можете да ја извадите од Вашата шума за 10 години), тогаш за Вас почнува голготата (збор со кој се означуваат неописливи маки), затоа што на крај ќе зажалите зошто едноставно не си купивте дрва од државните шуми.

„Конечно можам да ја користам мојата шума“, ќе си помислите и  радосни излегувате, но на вратата забележувате еден лист хартија на кој пишува : „Се известуваат сопствениците на приватна шума дека поднесување на барања за одобрение за сеча се поднесуваат. . . кога и одговара на подружницата на Ј.П.“Македонски Шуми“. (се разбира не пишува „кога и одговара...“, не со тие зборови, туку со датуми.

·        кога, како и каде сопственикот на приватна шума може да започне со користењето на својата сопственост - шума, пропишува државата. ( Некој ќе ви каже дека во законот тоа не е ограничено, но прашајте го првиот сопственик на шума дали тоа некогаш воопшто се почитувало)

Незадоволни и бесни поради тоа што сте приморани да работите со и во својата сопственост во време кога на друг му одговара, забележувате дека на истиот лист постојат и некои услови!!! За условите-документи, нема да зборувам, ни треба многу време и место, едноставно запомнете дека секоја година ќе давате многу пари за исти документи чии податоци можат да се проверат со едно телефонско јавување или вмрежување на два копјутера (по електронски пат).

Поминувате преку сето тоа, си го намалувате домашниот буџет (наместо да го полните), ги вадите документите пополнувате формулари и нервозни до крајни граници си заминувате...

 - Господине да не заборавите на датумот! - ви довикнува службеникот.

- Која датум? - прашувате со страв незнаејќи што ќе ви се случи.

Всушност ве потсетуваат да проверите на кој датум треба да отидете во Вашата шума за да ви кажат кои дрва можете да ги сечете. Издишнувате со горчина во душата но... сега веќе е доцна да се откажете, сепак премногу пари и време изгубивте за ... да дојдете до сопствениот имот.

Доаѓа времето за „маркирација“ ( процес во кој шумарски инжинер или техничар - вработен во корисникот на државната сопственост, а веќе знаеме дека тоа е Ј.П. „Македонски Шуми, Ви дозначува кои дрва или површина можете да ја користите). Оставајќи ги зад себе досегашните лоши искуства и фрустрации се упатувате кон својот имот. По пат дознавате дека не сте единствениот на кој тој ден ќе му се изврши маркирација, полека по полека се собираат луѓе и секој со своја верзија за тоа како си поминал со „шумското“ (така популарно се нарекуваат сите подружници на Ј.П.“Македонски Шуми“) до сега.

Чекајќи не ни забележувате дека веќе два часа 10-на сопственици чекаат некој да им даде дозвола да си ја искористат својата сопственост, а него го нема! Полека се шири информација дека тој не ни тргнал и за жал се наоѓа на „некое место кај што не му е место“ ( за жал вообичаено тоа место е некоја кафана).

Бесни (и останатите се бесни, исто така), не знаете што да правите (без докази), се чувствувате измамено и понижено. Си одите дома и по патот размислувате што се ќе му направите на тој неразумен човек, но колку повеќе времето поминува толку повеќе сте свесни дека на крај, било што да вели законот, Вие сте тој кој што ќе моли, па одлучувате да му простите овој пат.

 Некако успевате да издејствувате да Ви маркираат и... Ви појаснуваат дака имате временски рок да ја завршите работата. Да, да, нема да си ја вршите работата кога и како Вие сакеате, што знаете Вие за Вашата сопственост, тоа најдобро го знае државата и ќе правите онака како што таа Ви кажува. Но овој пат за чудо се иненадувате од својата смиреност, најверојатно сте се навикнале до сега. Си се смешкате во себе на помислата што ќе се случеше ако посакав да ги искористам и другите 4 парцели шума, уште 4 пати по толку малтретирање, голгота (се сеќавате што значеше зборот). Конечно го припремивте огревното дрво за транспорт, но некој Ве предупреди дека Ви треба дозвола за транспорт - испратница. Слегувате до градот за да го најдете „шумарот“ (така со еден збор се нарекуваат и инжинерите и техничарите) да Ви каже како, каде и кога ќе Ви даде испратница, бидејќи нели во законот пишува едно, но од досегашното искуство научивте дека во пракса не се работи по закон.

И конечно ја добивате испратницата и ги донесувате дрвата дома. Внимателно прегледувајќи колку сте донеле и колку Ви треба, заклучувате дека добар дел од дрвата Ви се вишок и можете да ги продадете, но внимателноооооо, па нели научивте до сега дека за се Ви е потребна дозвола !!! Да, господо, во Македонија Ви треба дозвола од државата доколку сакате да го продадете дрвото.

На крај го давате својот имот - шума, на продажба и никогаш повеќе во животот не сакате да чуете за шума.

„Сите лица и настани се измислени и доколку некој пронајде сличност со реалноста тоа е затоа што реалноста е токму таква... или барем слична.“



И покрај тоа што постои работна група за изработка на предлог текст за нов закон за шуми, во која на покана на МЗШВ, како Национална Асоцијација на Сопственици на Приватни Шуми (НАСПШ) сме членови и ги поднесовме нашите предлози за промена на законот, текстот на предлог закон за шуми експресно беше изработен и е во процедура за донесување.

Господа, на овој начин сакаме да го изразиме нашиот протест против начинот на кој што се изработи предлог текстот за новиот закон за шуми и протест против неговата содржина која што е целосно дискриминирачка за сопствениците на приватни шуми, кон кои во овој закон државата се однесува како сопственици од втор ред, криминалци под претпоставка и несовесни домаќини.

Ве молиме доколку сте во можност да ни помогнете овој закон со неговата сегашна содржина да не се донесе, или пак едноставно пренесете го овој протест до сите за кои што мислите дека можат да помогнат.

Законот и коментари за него можете да давате на официјалната интернет страница на МЗШВ www.mzsv.gov.mk (достапно само на македонски јазик)

Однапред Ви благодариме,
Сопственици на Приватни Шуми на Ребублика Македонија


НАСПШ - „Приватни Шуми“                                                           4 Март 2009
Претседател                                                                                    Куманово
Скендерски Бранко
 
e-mail:     This e-mail address is being protected from spambots, you need JavaScript enabled to view it
tel  :  031-425-554;070-381-549                          www.naps.com.mk

LAST_UPDATED2
 
Можете да пишете коментар на текстот. За тоа потребно е да се регистрирате во прозорчето за регистрација.

поддршка

Banner
Banner
Banner
Banner
Banner
Banner
Banner
Banner