куќарка новости Предизвици: шумарството и руралниот развој
Предизвици: шумарството и руралниот развој Print E-mail
Written by OzOnAIR   
петок, 19 јуни 2009 10:36

ИЗВЕШТАЈ од десетгодишнината на Здружението на студенти на Шумарски факултет - ДРЕН и организираната дебата со наслов „Предизвици: шумарството и руралниот развој“ одржана на 30 април 2009 година на Шумарскиот факултет во Скопје.

Овој извештај е подготвен како редовна архивска задача на Здружението на студенти на Шумарски факултет ДРЕН од Скопје, но и за да го прикажеме целосното остварување на јавната расправа „Предизвици: шумарството и руралниот развој“ на Холандската развојна организација СНВ, кон која изразуваме голема благодарност за искрената поддршка што ни ја пружија членовите на организацијата.


 
ВОВЕД
Поттикнати од севкупните случувања во Република Македонија во изминативе години, а особено во областите од шумарството, согласно нашата стратегија за унапредување и заштита на животната средина, утврдивме тема за дискусија за прославата по повод 10 години на ДРЕН.


Имено, сметавме дека во овој момент најсоодветна тема што опфаќа можност за дејствување на шумарските стручњаци за подобрување на шумарството е неговата поврзаност со руралниот развој. Затоа, насловот на темата гласеше: Предизвици- Шумарството и руралниот развој.

Ќе си дозволиме да нагласиме дека ова е втора јавна расправа што ја организира Здружението, по јужноевропската средба на студенти од Шумарските факултети реализирана минатата година, на тематика непосредно поврзина со шумите и глобалното затоплување.

Покрај можноста за учество на голем број стручњаци и заинтересирани лица да го дадат својот придонес во насока на подобрување на ситуацијата на шумарските работници, наша цел е и активно учество во дефинирање на студиските програми на Шумарскиот факултет во Скопје со конкретни предлози од вакви и слични дискусии и претходно темелно спроведени анализи. Овие стручни собири претставуваат вистинско поле за усовршување на нашите стекнати знаења и проширување на опсегот на стручни размислувања, но и место кадешто ќе може да ги изнесеме јавно нашите мислења и ставови.

Според тоа, сметаме дека токму оваа дебата е една од досега најзначајните јавни расправи за нас, шумарските студенти, како еден од најважните општествени сегменти во нашата држава, односно на полето на руралниот развој како цврсто поврзан и нераскинлив дел од одржливиот развој.

Одбележувањето на нашата годишнина и јавната дебата за подобрување на состојбите во шумарството се реализираше во рамките на соработката со Холандската развојна организација SNV.

 

УЧЕСНИЦИ

На поканата за јавната расправа се одзваа голем број на учесници. Имено, присутни беа 45 надворешни стручни и заинтересирани лица од институции и организации непосредно поврзани со животната средина и руралниот развој. Така, покрај голем број на присутни од управата, наставниот кадар и студентите на Шумарскиот факултет во Скопје (ШФС), како и управата и членовите на Холандската развојна организација (СНВ), учествуваа и 1 претставник на Делегацијата на Европската комисија во Скопје, 1 претставник на Амбасадата на Кралството Норвешка, 1 претставник од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје (ФЗНХС), 2 претставници на Институтот за сточарство, 3 претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), 3 претставници на Секретаријатот за европски прашања при Владата на Република Македонија (СЕП), 1 претставник на Дирекцијата за заштита и спасување на Република Македонија, 3 претставници на Заводот за водостопанство, 1 претставник на Секторот за заштита на животната средина при град Скопје, 2 претставници на општина Гази Баба (ОГБ), 2 претставници на општина Карпош (ОК), 2 претставници на средноопштинското земјоделско-шумарско училиште СОЗШУ Ѓорче Петров од Кавадарци, 3 претставници на средното стручно училиште и гимназија СУГС Георги Димитров од Скопје, 1 претставник на јавното комунално претпријатие ЈП Комунална хигиена, 1 претставник на јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје ЈПУЗПП Јасен, 1 претставник на Регионалниот еколошки центар-Канцеларија во Македонија (РЕЦ), 2 претставници на Националната асоцијација на сопственици на приватни шуми (НАСПШ), 1 претставник на ДО Молика од Битола, 1 претставник на претпријатието за хортикултура Хорти Експерт, 1 претставник на списанието Наши шуми при јавното претпријатие ЈП Македонски шуми, 1 претставник на печатениот медиум Порта 3, 2 Претставници на електронскиот медиум ТВ Телма и повеќе шумарски инженери и други заинтересирани лица.

 

ПРОГРАМА и ДИСКУСИЈА

При влегување на учесниците и нивно запишување, од страна на членовите на ДРЕН им беа доделувани работни материјали, односно отпечатени примероци од целосната програма- презентации и листови за забелешки, како и јубилејниот годишник на Здружението. Согласно програмата, свеченоста започна во предвиденото време со интонирање на академската химна. Бојан Ранташа го најави поздравното обраќање на проф. д-р Бранко Рабаџиски, декан на ШФС. Кристина Бужароска, актуелниот претседател на ДРЕН се обрати на присутните од името на сите досегашни претседатели на Здружението. По ова, Марија Смиљановска, член на ДРЕН ја презентираше 10-годишната активност на студентите-членови на ДРЕН.

Божин Трендафилов беше презентер на размислувањата на Здружението во врска со можноста за делување на шумарските работници за подобрување на состојбите во шумарството и издигнување на руралниот развој на повисоко развојно скалило во шумарските научно-апликативни области. Тука, особено беше важно нагласувањето на нашите заложби за внесување на предмет во наставните планови на високообразовните институции и средните стручни училишта што ќе биде тесно поврзан со шумарството и руралниот развој.

МЗШВ, односно секторот за рурален развој, претставуван од Игор Миќев, ја промовираше активноста на нашата држава на полето на руралниот развој, односно што досега е направено и какви се можностите за понатамошно делување од оваа област. Секторот за рурален развој детално ги претстави административните процедури и организациската поставеност, како и финансирањето во следните години. Значајно е да се забележи дека во овој сектор, како што беше наведено, нема ниту соодветен стручен кадар ниту доволен број на човешки ресурси. Секторот, пак, за шумарство при МЗШВ, чијашто презентација ја водеше Јана Јовановска, наведе дел од согледувањата на шумарството како посебен дел од соодветното министерство и евентуалните можности за поголема поврзаност со руралниот развој, притоа нагласувајќи на потребата од поголема ефикасност во спроведување на деловите од шумарството и руралниот развој опфатени во Стратегијата за одржлив развој на шумарството и Акцискиот план. Исто така, едни од поважните насоки што беа истакнати за подобрување на корелацијата шумарство-рурален развој се поддршка во соработката помеѓу државата, јавните претпријатија и невладините организации во областа на шумарството и руралниот развој, соработка со локалната самоуправа и обука на локалното население за користење на шумските ресурси и формирање на мали бизниси.

Презентација на доц. д-р Македонка Стојановска од ШФС претставуваше солиден преглед на можностите за соодветно управување, но и финансирање на многу сегменти од државната управа и граѓанските здружувања што работат на полето на шумарството и руралниот развој. Раководителите на шумарската наука, државните и приватните сопственици на шуми мора да пронајдат или совладаат начини како заеднички ќе можат да ги совладаат пречките до поголеми финансии, но и до подобра организациска поставеност и соодветно одговорно и ефективно постапување по законските регулативи. Како што беше нагласено, науката и праксата од земјите што се поразвиени од нас во поглед на шумарството како дел од руралниот развој треба да бидат репер за соодветен пристап кон создавање на подобри услови во Македонија.

По излагањето на презентерите, се разви плодна дискусија на зададената тема. Имено, членството на ДРЕН уште еднаш ја потврди својата определба за воведување на предмет што ќе ги опфати содржините на руралниот развој и можностите шумарството да биде главна алка во создавање на подобар стандард во селските и недоволно развиени подрачја. Интересно и охрабрувачко беше и мислењето на студентите на ШФС (Јелена Панчевска, студент во прва година) дека ќе мора да се следат современите движења во опкружувањето и во поразвиените земји и истите примери што се покажале како успешни, а се соодветни на нашите прилики, да се воведат и спроведат. Дел од раководните структури на НАСПШ (Бранко Скендерски, Дарко Скендерски), пак, го нагласија  големиот пропуст при креирањето на законските акти, како и Стратегијата за одржлив развој на шумарството во Република Македонија, бидејќи сосема малку или недоволно е опфатено шумарството и неговата поврзаност со руралниот развој. Бојан Симовски, помлад асистент на ШФС, беше дециден во мислењето дека поради недостаток на обучен кадар во администрацијата којашто работи на полето на руралниот развој би било одличен потег ШФС да започне со воведување на предмет поврзан со руралниот развој, особено што се работи за проблематика од област на шумарството. Исто така, на неофицијални разговори со наставниот кадар од СОЗШУ Ѓорче Петров од Кавадарци сите биле едногласни за воведување на сличен предмет и во ова средно стручно училиште. Вангел Милошевски од Заводот за водостопанство, како и проф. д-р Иван Блинков од ШФС ја нагласија потребата од обрнување на поголемо внимание од страна на државата на вакви млади и амбициозни студенти, кои претставуваат вистинска движечка сила во шумарството и потоа од нив стануваат солидни стручни лица, со веќе совладана теоретска, но и практична работа преку реализација на активностите во ДРЕН. Така, наместо нашите кадри да бидат вработувани од меѓународните институции и организации, овие ценети млади дипломци и магистранти своето место да го добијат во нашата земја, со што ќе им се пружи вистинска можност да помогнат во градење и унапредување на шумарската наука и пракса.

Конечно, се пристапи кон доделување на благодарници до сите институции и организации кои искрено му помогнаа на ДРЕН во своето десетгодишно активно дејствување на македонското, но и на меѓународното шумарско поле. Потоа, следуваше скромен коктел, на којшто се продолжи со неформални разговори поврзани со шумарството и руралниот развој.

 

ЗАКЛУЧОЦИ

   1. Постои недостаток на обучен стручен кадар од област на руралниот развој (особено во деловите на шумарството) во административните структури на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (во најголем дел во Секторот за рурален развој и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој), како и кај локалната заедница (за барање средства од програмата ИПАРД во делот за шумарство).
   2. Да се дејствува во насока да се воведе предмет за руралниот развој, особено за шумарството и руралниот развој, во средните стручни училишта и високообразовните установи што работат во област на животнатата средина и шумарството (посебен акцент на Шумарскиот факултет во Скопје и СОЗШУ Ѓорче Петров од Кавадарци).
   3. Да се дејствува за зголемување на застапеноста на шумарството во повеќе законски и подзаконски акти од област на животната средина и руралниот развој (Стратегијата за одржлив развој на шумарството, Акцискиот план и др.).

LAST_UPDATED2
 
Comments (4)
Bravo!
1 петок, 19 јуни 2009 12:18
Bojan Simovski
Se nadevam deka po 10 godini ke pogledneme na ovoj moment i ke receme: dve desetletija uspesna "zelena" borba!
Честито!
2 петок, 19 јуни 2009 13:08
Jana
Се надевам дека за следните 10 години ќе имаме многу повеќе за објавување на порталов. Само напред и да не губиме надеж...
Одиме понатаму !!!!
3 петок, 19 јуни 2009 21:33
Nikola Atanasov
Одиме понатаму, со нови сили во нови победи!
Да докажеме дека и шумарството е битен сегмент од општеството.
Jubilej
4 вторник, 13 октомври 2009 18:09
Андријана Спирова
Chestita jubilejot!
Можете да пишете коментар на текстот. За тоа потребно е да се регистрирате во прозорчето за регистрација.

поддршка

Banner
Banner
Banner
Banner
Banner
Banner
Banner
Banner